Connect with us

Други спортови

Ред Бул донесе темпирана бомба, кавгата со Верстапен е неизбежна!

Францускиот пилот со своите резултати зад воланот на Торо Росо заслужи промоција кај „биковите“, но поради недисциплината уште од сега најави дека проблемите во новата сезона ќе бидат на едно повисоко ниво, особено што крај себе го има и темпераментниот Холанѓанец

Формула 1 тимот на Ред Бул во последните две сезони располагаше со речиси најдобрата возачка постава, а покрај тоа што беа брзи на патеката, Даниел Рикардо и Макс Верстапен прилично добро се сложуваа во текот на сезоната.

Но, на голема жал за фановите на „биковите“, Рикардо ова лето одлучи да го напушти тимот и потпиша за екипата на Рено, па момците немаа друг избор освен да го промовираат Пјер Гасли за нов возач, кој зад воланот на Торо Росо извозе одлично во неодамно завршената сезона.

Младиот 22 – годишен Французин ја има потребната брзина на патеката, но исто така се покажа и како многу проблематично момче. Тоа најдобро можеше да се забележи во односот со неговиот клупски колега Брендон Хартли. При трката за ГН на Бразил, Гасли ја одби наредбата на тимот за пропуштање на Новозеланѓанецот.

  • Не се боревме за бодови и одеднаш дојде информација за пропуштање на клупскиот колега, тврдеше тврдоглаво Пјер по трката.

Но, наредната сезона до него ќе има уште една контроверзна личност – Макс Верстапен, кој исто така е познат по својот темперамент. Евидентно е дека „биковите“ во 2019 година ќе изгледаат како темпирана бомба на патеката.

  • Не се плашам за своето место во тимот. Знам дека Макс е силна личност и дека има големо искуство со помладите, но и јас сум дел од оваа приказна. Јас не сум ниту Даниел Рикардо ниту Макс Верстапен, туку Пјер Гасли со својот карактер. Ми треба малку време да завземам свое место во внатрешноста на екипата, најави самоуверено Гасли.

Оваа изјава предизвика мал револт кај тимот на Ред Бул, кои експресно го предупредија младиот пилот.

  • Гасли покажа дека е брз на патеката, но и брз на јазик. Ние ќе мораме дисциплински да реагираме, порача Марко Хелмут.