Connect with us

Други спортови

Ред Бул ќе ја напушти Формула 1

Првиот човек на Ред Бул, Хелмут Марко, откри дека неговиот тим повеќе нема да трпи празни ветувања кога во прашање е изедначувањето на моторите во Формула 1, па затоа би можел да го напушти најбрзиот циркус на денешницата на крајот од 2020 година.

Имено, „биковите“ пред воведувањето на хибридните мотори освоија четири титули во низа, но потоа следуваше доминацијата на Мерцедес чија погонска единица конкуренцијата никако да ја достигне.

Тимот на Ред Бул мака мачи со своето набавување на мотори, а ако соработката со Хонда во следната година не им е по мерка, сериозно размислуваат за напуштање на Формула 1. Имено постои можност произведувачот на енергетски пијалоци да направи трансфер во трката 24 часа Ле Ман, каде што во соработка со Астон Мартин ќе нема проблем да остварува победи. Единствената солуција за останување во Ф1 е доколку се донесат нови правила со кои ќе се изедначат моторите.

  • Додека не видиме кои ќе бидат новите правила околу моторот, ниту Ред Бул ниту Хонда нема да донесат никаква одлука. Едно е сигурно, нема да продолжиме како во минатото, да зависиме од другите, слушајќи ги ветувањата кои нема да се исполнат, изјави Хелмут Марко.

На „биковите“ исто така им смета новиот план кој сопствениците на Формула 1 сакаат да го донесат, односно изедначување на буџетот на тимовите.

  • Ако се постави граница на потрошувачката, мораме да ги намалиме трошоците, а тоа не го сакаме. Тогаш ќе мора да се префрлиме на други трки. Се чини дека трките за издржливост ќе ни бидат следен предизвик. Иако никогаш не сме мислеле за Ле Ман, тоа е нашто што мора да размислуваме, додаде Марко, кој има сериозни намери да ја напушти Формула 1.