Фудбал
Рој Кин го осуди однесувањето на Бразилците. Еве што има да каже нивниот тренер за тоа
Тите, селекторот на репрезентацијата на Бразил, танцувајќи со играчите го прослави пласманот на својата репрезентација во четвртфиналето на Светското првенство. Некои експерти сметаа дека тоа е непочитување кон противникот. Тој ги отфрла ваквите наводи.
„Се обидуваме да се прилагодиме на карактеристиките на играчите. Тие се многу млади и јас се обидувам малку да се прилагодам на нивниот јазик, а дел од нивниот јазик е и танцувањето“, изјави 61-годишниот стручњак и додаде дека играчите му рекоа дека ќе го натераат да танцува со нив ако постигнат гол.
Не сите беа импресионирани. Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, Рој Кин, говорејќи за британската телевизија ИТВ, рече дека тоа е потег со непочитување кон неговиот ривал.
„Не можам да верувам во тоа што го гледам. Не можам да верувам! Јасно ми е дека танцуваа по првиот гол и одличниот почеток на натпреварот, но ова подоцна немаше смисла. Не ми се допаѓа Луѓето велат дека тоа е дел од нивната култура, но за мене тоа е чист приказ на недостаток на почит кон противникот“.
Тите не се согласува со тоа.
„Нема друго толкување освен среќа за голот, среќа за тимот, среќа за настап. Немаше непочитување кон противниците или кон нивниот тренер“, рече тој.