Фудбал
Сè што не чини за Зидан, чини за Атлетико
Маркос Љоренте претходно месецов потпиша петгодишен договор со Атлетико Мадрид во директниот трансфер од редовите на градскиот ривал Реал за сума од 40 милиони евра. Шпанецот направи ваква размена на дресови за првпат по 13 години, но по сите изгледи тој нема да биде единствен кој се сели само неколку километри од „Сантијаго Бернабеу“.
Јорганџиите посакуваат уште еден фудбалер на Кралевите, станува збор за Хамес Родригес. Колумбиецот изминативе две сезони беше позајмен на Баерн Минхен, трансфер кој летото требаше да стане перманентен, но тој ја одби таа опција бидејќи сака да биде редовен стартер, нешто што Нико Ковач не можеше да му вети.
Затоа Хамес од 1 јули повторно ќе биде играч на Реал, но нема долго да се задржи во Кралскиот клуб бидејќи за него има интерес од Италија, а сега и од Атлетико Мадрид. Чоло Симеоне ќе има задача да го наговори одличниот плејмејкер да потпише за Атлетико, наместо за Наполи, а со него Јорганџиите значително би го засилиле составот знаејќи дека ќе останат без главниот играч Антоан Гриезман.
Инаку, Хамес моментално е со репрезентацијата на Колумбија, каде на Копа Америка во четвртфиналето ќе се соочи со бранителот на титулата Чиле.
.