Connect with us

Други спортови

Шефовите на Формула 1 планираат трка во Лондон

Раководните лица на Формула 1 ја истражуваат можноста за организирање трка во британскиот главен град, Лондон. Ова го изјави еден од директорите – Рос Браун, според кој такво нешто може да се случи, но во предградието на градот, а не во неговиот центар. Тој, исто така, истакна дека евентуалната трка нема да ја замени традиционалната во Силверстоун, туку целта е и двете да се одржуваат.

– Бидејќи спроведување на трка од Формула 1 одзема минимум една недела, не е добро патеката да минува низ центарот на Лондон. Ќе се обидеме да ја направиме во периферијата на градот, каде што луѓето нема да треба да се усогласат со нас. Лондон е град со огромна спортска историја и има голем ентузијазам и традиции во трките со автомобили. Сакаме да го видиме Лондон заедно до Силверстоун. Двете може да се вклопат во календарот, изјави Браун за „Ивнинг Стандард“.

Лондон одамна е тема на разговори во Ф1, но поради различни причини трка се уште не се одржува таму.

Сопствениците на Формула 1, „Либерти Медија“ сакаат да додадат нови градови во календарот. Ова ќе се случи во 2020 година кога за прв пат ќе се одржи Големата награда на Ханој.