Connect with us

Тајмаут

“Шумахер повеќе не е истиот како што го знаеме”

Поранешниот директор на Ферари, Жан Тод изјави дека неговиот пријател Михаел Шумахер повеќе не е Михаел Шумахер што го знаеме од Формула 1.

Седумкратниот светски шампион и еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1, Михаел Шумахер, доживеа тешка повреда на главата на скијање во декември 2013 година. Шест месеци беше во индуцирана кома, од која беше разбуден во јуни 2014 година, а во септември истата година беше пуштен на домашно лекување и оттогаш нема информации за неговата состојба.

За Шумахер се грижи неговата сопруга Корина и медицинскиот персонал во нивниот дом на Женевското езеро.

Тод беше директор на Ферари кога Шумахер освои пет последователни шампионски титули од 2000 до 2004 година и двајцата се пријатели.

“Михаел е тука, па не ми недостига. Но, тој едноставно не е Михаел како што беше. Тој е различен и прекрасно се води од сопругата и децата кои го штитат. Тој сега е поинаков и јас ја имам привилегијата да споделувам моменти со него. Тоа е се што може да се каже“, изјави Тод за весникот Екип, пренесоа британските медиуми.

“За жал, судбината го снајде пред 10 години. Тој повеќе не е Михаел кој го знаевме во Формула 1“, додаде Тод.

Шумахер е еден од најуспешните возачи во историјата на Формула 1 со седум титули (1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003, 2004), 91 победа и 155 пласмани на подиумот.

Семејството ја чува неговата приватност, па дури и многу пријатели и роднини не ја знаат неговата состојба. Во документарен филм емитуван на Нетфликс во 2021 година, Корина Шумахер рече дека оди на рехабилитација и дека сега е „поинаков, но тој е таму“.