Фудбал
Солскјер има само една задача и доколку ја исполни ќе добие огромен бонус
Фудбалерите на Манчестер Јунајтед утре играат на „Олд Трафорд“ против Хедерсфилд, а тоа ќе биде и деби за новиот тренер на овој тим Оле Гунар Солскјер на домашен терен.
Солскјер беше избран за нов тренер минатата седмица откако Жозе Мурињо доби отказ, а во првиот натпревар успеа да издвојува победа со Јунајтед на гостувањето кај Кардиф со 5:1. Норвешкиот стручњак има голема поддршка и јасно му е дека ќе има доста работа, но и притисокот кој е неизоставен фактор на „Олд Трафорд“.
Солскјер со Јунајтед договори соработка до крајот на сезоната, но доколку се покаже веројатно ќе добие договор. На Солскјер сигурно нема да му биде лесно со оглед на тоа што од Јунајтед секогаш се очекува најдоброто, а челниците на клубот веќе ги поставија целите кои се наоѓаат пред него.
Според тоа што го пишуваа англиските медиуми, главната цел на Јунајтед е да избори место кое наредната сезона води во Лигата на шампионите. „Црвените ѓаволи“ моментално се наоѓаат на 6. место на табелата со 29 освоени бодови и заостануваат осум бода за Челзи кој се наоѓа на 4. позиција на табелата.
Сепак, неговиот труд нема да биде залуден затоа што челниците на клубот му ветија голем бонус доколку ја оствари зацртаната цел. Наводно, Солскјер во тој случај ќе биде побогат за два милиони евра.