Фудбал
Стигна првата понуда за Еден Азар, Реал Мадрид веднаш ја одбил, бара повеќе пари
Шпанските медиуми со денови пишуваат дека Еден Азар сака да го напушти Реал Мадрид и да се врати во Англија каде го играше најдобриот фудбал во кариерата.
Утринава мадридски АС објави дека првата понуда за Азар пристигнала од Њукасл, кој се обидува максимално да го засили тимот за вториот дел од сезоната каде ќе се бори за опстанок во друштво на најдобрите.
Наводно, англискиот клуб понудил околу 40 милиони евра за Азар и се надевале на позитивен одговор од Мадрид, но на крајот тоа не се случило.
Реал Мадрид ја одбил понудата на „Страчките“ за Белгиецот, а на богатите сопственици на Њукасл им порачале дека Азар може да замине само ако некој плати 50 милиони евра.
Њукасл очајно сака да донесе некои големи ѕвезди во јануари и се чини дека Азар е нивниот прв избор, но прашање е дали тој сака да ја продолжи кариерата во клуб кој се бори да опстане во Премиер лигата.
Азар пред речиси три години пристигна во кралскиот клуб како големо засилување од Челзи за цели 115 милиони евра, но во Мадрид не му оди како што се надеваше.