Фудбал
„Судијата го бараше дресот на Роналдо – па ова е Мундијал, не е циркус“
Португалија денеска ја совлада селекцијата на Мароко со минимални 1:0 и ја запиша првата победа на Мундијалот.
Херој на Потугалија повторно беше Роналдо кој го постигна единствениот гол, а одличниот фудбалер на Реал, освен на трибините, очигледно има свои обожаватели и на теренот, поточно судијата.
Наводно, во текот на првото полувреме од денешниот натпревар, американскиот судија Марк Гиегер побара сувенир од Португалецот. Поточно го побара неговиот дрес.
Така барем кажа фудбалерот на Мароко Нардим Амрабат по натпреварот, кој истакна дека за оваа ситуација му кажал соиграчот на Роналдо, Пепе.
„Не знам претходно што правеше, но денеска беше потполно импресиониран од Роналдо. Слушнав од Пепе дека во првото полувреме праша дали може да го добие дресот на Роналдо“, изјави Амрабат, кој очигледно не бил задоволен од ваквиот однос на главниот судија на натпреварот.
„За што зборуваме ние овдека? Тоа се случува на Светско првенство? Па не е ова циркус“, додаде Амрабат.