Фудбал
Тешко повреден фудбалер во Турција! Трагедија избегната со скок од вториот кат
Во еден од двата земјотреси што во понеделникот во раните утрински часови ја погодија Турција, тешко е повреден турскиот фудбалер Барис Баздаш, роден во Германија, а моментално е во болница.
Речиси целиот југоисточен регион е срамнет со земја, а бројот на жртвите постојано се зголемува.
Сцените на теренот се застрашувачки, последиците се немерливи, а по уништувањето во целиот регион останаа речиси само урнатини.
Германски Билд пишува дека тешко е повреден и 33-годишниот Барис Баздаш, турски фудбалер роден во Германија, кој моментално настапува за Малатја.
Тој го почувствувал земјотресот, па за да ја избегне катастрофата скокнал од вториот кат при што тешко ја повредил ногата и моментално се наоѓа во болница.
Ништо не се знае за соиграчот на Баздаш, Ахмет Ејуп, бидејќи бил затрупан во урнатините, но потрагата по него се уште трае.
Да потсетиме, рано утринава околу 04:17 часот Турција беше погодена од силен земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, а беше почувствуван и во Сирија. Околу 10:24 часот уште еден силен земјотрес ја потресе турската почва.
Бројот на жртвите се менува од минута во минута. Според турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, досега се пронајдени повеќе од 1.300 жртви, додека најмалку 5.500 луѓе се повредени.