Connect with us

Други спортови

Томислав Јотовски прогнозира: Ѓоковиќ е прв фаворит на Вимблдон!


Најдобриот македонски тенисер во последните неколку години, Томислав Јотовски, минатата недела настапуваше на турнир во Тунис, а и оваа ќе го повтори истото, но меѓу тренинзите и натпреварите, најде време и за Спорт Манија да прогнозира со каков исход ќе заврши гренд-слем турнирот Вимблдон, кој почнува денеска во 12 часот.
МАЛКУ ФАЛЕШЕ ДА ИГРА НА ВИМБЛДОН ПРОТИВ РАОНИЌ
Јотовски во Тунис верува дека полека ќе си ја врати старата форма, и дека после долгата пауза која ја имаше поради проблеми со рамото, неговата форма ќе оди во нагорна линија и со тоа резултатите ќе му бидат сè подобри во наредниот период.
И самиот Јотовски има играно на тревата на Ол Ингланд клубот во Лондон. Тоа се случи во 2008 година, тогаш како 17-годишен во квалификациите за јуниорскиот Вимблдон.
Тогаш Томи во првото квалификациско коло во три сета беше поразен од Индиецот Карунудај Синг. Ако победеше, во второто коло ќе играше со сега веќе докажаниот на светската сцена Милош Раониќ. Потоа Канаѓанецот Раониќ го совлада Синг и се пласираше на главниот турнир во јуниорска конкуренција, но таму не се прослави, а титулата таа година му припадна на бугарскиот ас Григор Димитров.
Од неговите врсници, Јотовски тогаш пред настапот на Вимблдон, на турнир во Панчево ги совлада Давид Гофан и Душан Лајовиќ кои сега се во врвот и редовни учесници на гренд-слемите, но финансиите си го сторија своето, и некои тенисери кои тогаш не беа толку талентирани, подоцна излегоа во прв план како сениори.
ЃОКОВИЌ Е ПОКОМПЛЕТЕН ОД КОНКУРЕНТИТЕ

Годинава на главниот турнир во Вимблдон, прв носител е бранителот на трофејот од лани, Новак Ѓоковиќ. И Јотовски го става во прв ред како главен кандидат за титулата.
„Мислам дека Ѓоковиќ ќе го освои Вимблдон, затоа што е покомплетен од другите тенисери, во секој поглед, лесно се прилагодува на промените на подлогата. Секако тука се и Федерер и Надал кои би играле еден против друг во полуфинале, на трева добри се Чилиќ, Димитров, сите тие би можеле да го освојат турнирот, но сепак Ѓоковиќ би го издвоил, и би го ставил на прво место како главен фаворит“ – смета Јотовски.
И Ѓоковиќ денеска ќе се појави на Вимблдон, ривал му е Филип Колшрајбер. Секако целосната огромна тениска понуда на Sport Life, можете да ја погледнете ТУКА.

.

Извор: Sportmanija.mk