Connect with us

Други спортови

Трката за ГН на Бразил ја гледав заедно со Михаел Шумахер

Поранешниот шеф на Ферари, Жан Тод, е еден од ретките луѓе кои имаат можност да го посетат легендарниот Формула 1 возач, Германецот Михаел Шумахер, чија моментна ситуација малкумина ја знаат по тешката несреќа која му се случи во декември 2013 година.

  • Главно сум претпазлив кога зборувам со новинарите околу ситуацијата на Шумахер. Сепак, можам да ви потврдам дека трката за Големата награда на Бразил оваа година ја гледав заедно со Михаел, откри Тод.

Неодамна Тод доби награда за животно дело на „Авто билд мотоспорт“, а покрај оваа изјава не сакаше да зборува за состојбата за седумкратниот шампион во најбрзиот циркус на денешницата.

Инаку, Шумахер доминираше во текот на соработката со Жан Тод. Од 2000 до 2004 година го искачија тимот на Ферари до самиот врв, а во тој период Шуми освои пет од седумте шампионски титули. Со заминувањето на Тод и Шумахер започнаа лошите резултати на тимот од Маринело, каде последната титула ја освоија пред 11 години, односно во 2007 година кога Кими Раиконен им донесе радост на „Тифозите“.

Михаел доживеа несреќа на скијањето во Франција откако удри со глава во камен, а потоа заврши во индуцирана кома се со цел да се спречи оштетување на мозокот. Кружеа различни приказни дека останал парализиран, а за неговата моментална состојба малку се знае.

  • Ми доаѓа да заплачам кога ќе го слушнам неговото име. Фотографиите од Михаел се насекаде во мојот стан. Времето минато со него ми е најдоброто во животот. Се сакаме премногу, заедно испишавме неверојатна приказна. Го посетувам најмалку два пати месечно. Го сакам тој човек, би сакал ситуацијата да е поинаква, заврши славниот Тод.