Connect with us

Фудбал

Тројца француски фудбалери имаат проблем со вирус

Во француската репрезентација има вирус и најмалку тројца играчи се болни во пресрет на финалниот натпревар на Светското првенство против Аргентина.

Селекторот на Франција, Дидие Дешан изјави дека двајца играчи кои имале симптоми на грип – Дајо Упамекано и Адриен Рабио отишле во изолација на почетокот на неделата, поради што не играле синоќа против Мароко (2:0), во полуфиналето на Светското првенство, додека Кингсли Коман почувствува треска.

Дешан рече дека Упамекано се опоравува од „трите тешки денови“ откако играше во четврт-финалето против Англија во саботата. Фудбалерот беше во тимот, но не влезе во игра. Рабио не беше во тимот.

„Сепак, имаме четири дена до натпреварот и сите играчи треба да бидат здрави до финалето. Сега е сезона на грип, затоа мора да бидеме внимателни. Исто така, играчите вложија многу труд и можеби малку им ослабна имунолошкиот систем“, изјави тренерот на актуелниот светски шампион.

Франција тренира на отворено во Катар, а Дешан рече дека употребата на климатизација може да влијае на тоа како циркулира вирусот. На седум од осумте стадиони на Светското првенство, воздухот се лади на терен, а внатрешноста на зградите и транспортот во Катар обично се климатизирани.

Во текот на последната недела од турнирот, дневните температури во Доха се движеа од 25 до 27 степени целзиусови, за разлика од почетокот на натпреварувањето кога беа околу 30 степени.

„Температурата опадна во последните неколку дена и секогаш треба да се внимава. „Но, што се однесува до вирусот, ние навистина не сме загрижени“, рече Дешан.

Фудбалерите на Франција ќе ја бранат титулата светски шампион во финалниот натпревар против Аргентина, в недела од 16 часот на стадионот Лусаил во Доха.