Фудбал
УЕФА донесе одлука, финалето во Лигата на шампиони нема да се игра во Русија
Финалето на Лигата на шампионите беше планирано во Санкт Петербург, Русија на 28 мај, на стадионот изграден за Светското првенство во 2018 година, кој е финансиран од рускиот енергетски гигант Газпром, главниот спонзор на УЕФА.
Сепак, со оглед на сите настани и руската инвазија на Украина, УЕФА одлучи наместо Санкт Петербург, финалето се игра на „Стад де Франс“ во северното предградие на Сен Дени во Париз.
УЕФА исто така одлучи да ги премести сите натпревари во своите натпреварувања, кои требаше да се играат во Русија и Украина, без разлика дали станува збор за клубови или репрезентации.
Во моментов, ова влијае само на еден клупски натпревар: домашниот натпревар на Спартак Москва во Европската лига.
Тоа ќе значи и поместување на бараж натпреварите од Мундијалот кои се планирани да се играат во Москва.
Во четвртокот, фудбалските федерации на Полска, Чешка и Шведска и пишаа на ФИФА барајќи забрана на Русија да одржува плеј-оф натпревари за Светското првенство во 2022 година, кои се закажани за следниот месец. Полска треба да игра против Русија во Москва на 24 март. Доколку Русија го добие тој меч, ќе биде домаќин на победникот од мечот меѓу Чешка и Шведска во меч кој ќе го реши патникот на Светското првенство.