Тајмаут
Украински фудбалер би го заменил „рајот“ со „пеколот“: „Сакам да одам во војна, но не знам како да пукам“
Русија во четвртокот започна инвазија на Украина, загрижувајќи го светот, особено Европа.
И додека пристигнуваат осуди од Запад, руската армија не запира во остварувањето на целта за демилитаризација на Украина. За жал, невини луѓе ги губат животите, а досега има над 100 загинати од двете страни.
Украинските спортисти кои играат во странство бараат крај на војната. Тоа го направи Руслан Малиновски на натпреварот од Лига Европа меѓу Олимпијакос и Аталанта, но се чини дека се е залудно.
Има и такви кои се подготвени да војуваат и да ги положат животите за да ја одбранат државата. Меѓу нив е и Васил Кравец, 24-годишниот дефанзивец кој настапува во Шпанија.
Кравец е подготвен да го напушти рајот и да оди во пеколот на војната, но како што вели проблемот е што не знае да ракува со оружје.
„Јас ќе ви ја кажам вистината. Сакам да одам во војна и да му помогнам на мојот народ. Но, не можам да помогнам затоа што не знам како да пукам, како да се движам, како да наполнам пиштол, но вистината е дека Сакам да помогнам“, рече Кравец.
„Да можам да заминам, би отишол да ја бранам својата територија. Тоа е обврска на секој Украинец“, истакна 24-годишникот.
„Тие убиваат луѓе, цивили… За се е виновен Путин, не сакам да кажам дека Русија е виновна, туку Путин. Ние сме земја која сака да живее во мир.
„Не сакаме да нападнеме никого. Сакаме да живееме мирно и добро“, изјави фудбалерот на Спортинг Хихон на позајмица во Леганес.