Фудбал
Уште двајца заразени со Ковид-19 во репрезентацијата на Сенегал
Голманот Едуард Менди и напаѓачот Фамара Дидиу се следните двајца со позитивни тестови за Ковид-19 во седиштето на репрезентацијата на Сенегал.
Двајцата му се придружуваат на централниот дефанзивец и капитен Калиду Кулибали во групата на оние кои ќе го пропуштат првиот натпревар на Африканскиот куп на нации против Зимбабве в понеделник.
Во саботата клупскиот тим на Кулибали – Наполи објави дека дефанзивецот ја води болеста асимптоматски, бидејќи бил вакциниран.
Сепак, уште пред заминувањето на тимот за Камерун, во кампот на сенегалскиот тим имаше шест пациенти – Салиу Сис, Бамба Диенг, Маме Баба Тиам, Папе Матар Сар, Нампалис Менди и Алфред Гомис. Сите тие останаа во главниот град Дакар.
Повредени се Исмаила Са и Абдулаје Сек, што значи дека селекторот Алиу Сисе има група од само 17 играчи за мечот со Зимбабве во Бафусам.
Ситуацијата е комплицирана, но сепак сме сигурни во натпреварот со Зимбабве“, изјави Сисе на прес-конференцијата пред натпреварот.
Според прописите на Африканската фудбалска конфедерација, екипите ќе загубат официјално со 0:2 доколку немаат 11 играчи на располагање. Во случај еден тим да нема голман, друг играч од теренот ќе чува, се додека тимот има 11 здрави играчи.