Фудбал
Вардар остана сам на себе, заминаа директорот и претседателот на клубот
Фото: ФК ВАРДАР
Најтрофејниот македонски клуб продолжува да тоне. Освен тоа што не може да се најде решение за долговите наталожени уште од времето на Сергеј Самсоненко и заминувањата на фудбалерите, сега оставки поднесоа и раководните лица. Заминаа претседателот Мирко Спасески и директорот Самоил Симев.
-Ве информирам дека донесов одлука да поднесам оставка од позицијата – директор на ФК Вардар, но, ќе напоменам – останувам да помогнам како вработен до реализација на заостанатите плати и расчистување на долговите. Оставката ја поднесувам од морални и етички причини, вели Симеон Симев, притоа додавајќи:
-Последните две години секојдневно со г-дин Самсоненко се бориме со последни сили да функционира клубот за што и навремено алармиравме и реагиравме кај сопственикот – Градот Скопје уште во месец Август 2018 година.
Сепак, последните 6 месеци се клучни за мојата одлука и причините да поднесам оставка.
Во месец Мај г-дин Самсоненко и официјално се повлече од клубот за што го информиравме со допис и Градот Скопје. Во тој момент правилна одлука ќе беше и јас да се повлечам. Сепак во договор со претседателот Спасески и шефот на стручниот штаб Васоски, се нафативме на неверојатно тешка задача. На десет дена пред почеток на првенството решивме, со ветената помош од градот и со реализаија на ваучерот, дека ќе издржиме до крајот на полусезоната, бидејќи немаше друг излез за клубот.
За жал не се реализираше ништо од дадените ветувања кон нас, и затоа ја донесов оваа одлука, бидејќи се најдов во ситуација каде ветив и превземав голема одговорност кон сите вработени, на кои им се извинувам уште еднаш. Исклучителна почит кон оние кои и во најтешките моменти беа со нас, а за жал ги има малку. Големите луѓе во тешко се познаваат, благодарност до г-дин Самсоненко кој иако не е веќе финансиер, сепак, се нафати да ги исплати и платите за овие 6 месеци.
Апелирам до сопствениците на клубот и надлежните институции, спортска јавност, бизнисмени и засегнати страни да вложиме максимален напор сите заедно и да се обединиме околу Вардар. Да му се помогне сега кога е најтешко. Напоменувам дека месецов е клучен и мора да се најде решение, подготовките се закажани за 14 Јануари.