Ракомет
ВИДЕО: Штипјани го дочекаа европскиот медалист Мартин Поповски
Вака штипјани во организација на ракометниот клуб Текстилец го дочекаа Мартин Поповски, носителот на европското злато, како играч на Вардар во ЕХФ Лигата на шампионите.
Момчето кое во ракометните води навлезе некаде есента 2008 година во штипски Текстилец под тренерството на Павле Тодоров, по втор пат заедно со своите соиграчи, стигна до европскиот трон.
„Ова претставува голем успех за мене и за Вардар. Навистина е големо достигнување двапати да се седне на европскиот трон и повторно да се испише големата приказна“, изјави Мартин Поповски.
Поповски во европскиот ракометен првак се гледа барем уште една сезона.
„Планирам да останам во Вардар уште една сезона, што ќе се слчуива понатаму зависи од многу фактори, очекувам и понуди од други европски клубови во иднина“, кажа Поповски.
Роден 1994, Поповски настапуваше за Текстилец се до 2014 година, кога премина во ракометната школа на Вардар Јуниор, каде заедно со уште еден штипјанец, Иван Ангелов, настапуваа се до 2017 година.
Тогаш Вардар го ослободи Ангелов, кој замина во грчки Аеропос, а Поповски премина во сениорскиот состав на Вардар, што за него беше карта и за влез во македонската ракометна репрезентација.
Од 2017 досега за националниот дрес Поповски постигна вкупно 11 голови, а со Вардар под водството на Гонзалес, застана и на балканскиот и на европскиот трон.
Вториот европски златен медал го заработи претходната недела, откако во Фајнал Форот во Келн, Вардар успеа да стигне до финалето преку победата над Барселона, а во финишот славеше и над унгарски Веспрем, со што стана европски ракометен владетел.
Извор: ТВ Стар
ИНТЕРВЈУ со Мартин Поповски: За прв пат осетив едно зближување, поврзаност, гордост кај сите…