Други спортови
(ВИДЕО) Верстапен го „претрка“ Хамилтон во генералниот пласман, Ботас славеше во Турција
Валтери Ботас од тимот на Мерцедес триумфира и беше најбрз на Гран при – Турција, со што ја регистрира десеттата победа во својата кариера. На Финецот не му беше тешко да ја задржи пол-позицијата со оглед на фактот што пилотите беа претпазливи, затоа што трката измина во услови на повремен дожд и влажен асфалт. Времето им предизвика главоболки на тимовите, особено за типот на гуми што се користат. Втор на подиумот застана новиот лидер во генералниот пласман на само пет трки пред крајот – Макс Верстапен. Холанѓанецот стартуваше од втората позиција и до самиот крај не дозволи некој сериозно да му се приближи, иако на младата надеж на Ферари, Шарл Леклер му „бегаше“ само четири секунди во 20-тиот круг.
-Среќен сум што завршив втор, бидејќи лесно можеше да се направи грешка на лизгавиот асфалт, кажа Верстапен на крајот од трката.
На третото место заврши Серхио Перез од Ред Бул, но сепак, најголемото изненадување го приреди Луис Хамилтон, кој беше казнет со десет стартни позиции, па иако заврши прв на вчерашните квалификации Британецот ја започна трката од 11-та позиција. Искуството си го направи своето и тој сепак успеа да заврши петти и да освои 10 поени за генералниот пласман. Казната за Хамилотон следува откако тимот на Мерцедес реши да направи измени во моторот во последен момент.
Од друга страна, на потсмев на социјалните мрежи наиде пилотот на Астон Мартин, Себастијан Ветел, кој и покрај влажната писта реши да ризикува и да постави гуми за возење на суво, по што единствено загуби контрола над болидот. Тој стартуваше од десеттата позиција, но поради гафот мораше да се задоволи со 18-то место. „Повеќе личи дека Ветел дошол да дрифта, отколку да се бори за позиција“, гласеа дел од коментарите.
Vettel’s drift in the pit entry ? #F1 #TurkishGP pic.twitter.com/CQGMVwXjOo
— Alpine F1 TEAM FR ?? (@AlpineF1Team_fr) October 10, 2021
Во моментов Верстапен води во генералниот пласман со 262,5 поени, а во чекор го следи Хамилтон со 256,5 поени. Наредните возбудувања претстојат за Големата награда на САД. Трката во Остин е закажана за 24 октомври. До крајот на сезоната преостануваат уште пет трки, а кој ќе седне на тронот на пилоти и тимови ќе биде познато во Абу Даби на 12 декември.