Кошарка
Војдан Стојановски: Покажавме карактер
Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски е задоволен од изданието на „црвено-жолтите“ во претквалификациите за Евробаскет 2025 и изборениот пласман во главните квалификации.
Со пет победи и еден пораз, македонската репрезентација заврши на првото место од групата Д“ од втората рунда претквалификации.
Во одлучувачкиот натпревар одигран вчеравечер во Осло извојувана е убедлива победа.
– Имаше некоја доза на вознемиреност откако дознавме дека Словачка стигна до драматична победа во Данска, неспорно, но и ништо страшно. Но, искрено, се чини дека тоа беше и дополнителен мотив кај сите нас, дека се е во нашите раце на средбата во Осло. Влеговме во натпреварот како што и посакувавме, многу подобро од онаа средба во Левице, кога му дозволивме на противникот шутерски да се отвори и да ни даде 15 тројки. Норвежаните се познати по добриот шут за три поени, и интенција ни беше да ги спречиме нивните главни шутери. Можеби оваа средба во Осло заличи на онаа од Гевгелија, кога навистина ги исполнивме сите задачи во дефанзивата. Она што е извесно е дека оваа екипа покажа карактер. Ниту во еден момент не им дозволивме на Норвежаните да се надеваат на некое изненадување и ја оправдаме улогата на фаворит, изјави В. Стојановски.
Предводникот на нашата сениорска репрезентација, посакува да го направиме и оној друг, решавачки чекор, повторно да се обезбеди учество на едно големо натпреварување какво што несомнено е Европското првенство.