Connect with us

Други спортови

Волф: Хамилтон ќе ја освои осмата титула со Мерцедес!

Шефот на Мерцедес, Тото Волф, изјави дека верува оти неговиот тим е способен да ја надополни разликата во однос на Ред Бул и да му помогне на седумкратниот шампион Луис Хамилтон до рекордната осма титула.

Хамилтон квалификациите за Големата награда на Бахреин ги заврши само на седмото место, додека неговиот тимски колега Џорџ Расел првата трка сезонава ќе ја започне од шестата позиција.

„Многу сме самокритични и постојано размислуваме за нашите цели. Не постои такво нешто како совршен автомобил. Зедовме сè предвид – го разгледавме изборот на концепт за време на дизајнот и навременоста на воведување промени. Сите во инженерскиот тим се стремат кон истата цел, само треба да најдеме решенија“, рече Волф и додаде:

„Хамилтон ќе ја освои осмата титула со Мерцедес. Погледнете го Алонсо, Луис може да се трка уште најмалку четири години на највисоко ниво. Ќе направиме се за да успееме. Дури и ќе го туркаме околу патеката, само за да освоиме уште една титула. Ќе направам се што е потребно за да ја постигнам таа цел“.

Мерцедес имаше прилично лоша минатата сезона, особено ако се земе предвид стандардот што си го постави во претходните години. Тимот предводен од Тото Волф од 2014 година освои осум конструкторски титули по ред, додека Хамилтон по првото славје со Мекларен во 2008 година, уште шест пати беше најдобар меѓу возачите како член на тимот од Германија.

Мерцедес цела сезона се мачеше да ја открие причината за проблемот со болидот W13, а тоа резултираше со најслабите перформанси на тимот од 2012 година, бидејќи сезоната ја завршија на третата позиција со 515 поени. Британецот не забележа победа во текот на претходната година, првпат откако беше дел од најбрзиот караван.

Возачот кој дебитираше за Мекларен во 2008 година го израмни рекордот на Михаел Шумахер со седум титули, а доколку уште еднаш биде крунисан за шампион, ќе стане неприкосновен во овој поглед.