Кошарка
Збогум, НБА: Никола Миротиќ ќе стане најплатениот кошаркар во Европа
Иако на неговата адреса стигнаа неколку понуди од НБА тимови, Никола Миротиќ реши да ги одбие сите и да се врати во Шпанија, каде што го изгради името. Но, наместо враќање во Реал Мадрид, тој се одлучи за потпис за нивниот најголем ривал – Барселона.
Објаснувањето зад ваквиот потег на Миротиќ е многу едноставно. Барселона понуди најголема плата и најголема сигурност во однос на должината на договорот, па одлуката на Миротиќ беше лесна.
Според извештаите од Шпанија, Никола Миротиќ ќе потпише четиригодишен договор со плата во висина од 10 до 13 милиони евра годишно, со што ќе стане најплатениот играч во Европа.
Претходно Миротиќ беше на мета на неколку НБА тимови, помеѓу кои и Јута Џез, кои му понудија тригодишен договор вреден вкупно 45 милиони долари. На хартија, изгледа дека овој договор е многу сличен на оној кој Миротиќ ќе го потпише со Барселона, но уште од поодамна знаеме дека вредноста на парите е далеку поголема во Европа отколку во САД.
Инаку, потпишувањето за Барселона ќе го стави Миротиќ на „црната листа“ кај навивачите на Реал Мадрид, кои го гледаа крилниот центар како расте и се развива во одличен играч додека играше во дресот на „кралевите“ од 2008 до 2014 година.
.