Фудбал
Ѕвездата на Реал денеска дивееше на клупата поради Анчелоти
Фудбалерите на Реал Мадрид денеска ја победија Мајорка со 4:1 во петтото коло од Ла Лига.
Реал, актуелниот шампион на Шпанија, има пет од пет на стартот од сезоната. Иако Мајорка прва поведе на „Сантијаго Бернабеу“, Реал постигна четири гола за пресврт на резултатот и за победа.
Не беа сите среќни денеска во Мадрид. Марко Асенсио остана на клупата, а не доби шанса за настап ниту во преостанатиот дел од натпреварот.
Долгогодишниот офанзивец на кралскиот тим беше видно разочаран и не го криеше тоа. Во еден момент се загреваше со Маријано Дијаз, но потоа сфати дека и онака нема да влезе во игра.
Карло Анчелоти се одлучи за некои други опции, па Асенсио мораше да се врати на клупата. Кога седна, почна да удира по столот, да фрла работи наоколу, фрустриран што не добил друга шанса да игра.
Асенсио има многу мало учество на седумте официјални одиграни натпревари досега. Ова лето, всушност, се чинеше дека се оди кон негово заминување од Мадрид, особено откако играчот го смени агентот.
Сега го води Хорхе Мендеш. Сепак, Асенсио не го смени клубот, многумина сметаат дека немало реални понуди и затоа останал во Реал.
Договорот на Асенсио со Реал Мадрид истекува во 2023 година. На овој начин Мајорканецот ќе може да биде слободен на следниот летен пазар доколку претходно не се обнови договорот со Реал Мадрид.
26-годишниот фудбалер беше поврзуван со Милан ова лето, но „Росонерите“ на крајот се откажаа од намерата да го доведат.
Шпанскиот репрезентативец е во Мадрид од 2014 година, со тоа што двапати отиде на позајмица, најпрвин во матичниот клуб Мајорка, а потоа и во Еспањол.