Connect with us

Ракомет

Одбраната бара наместо за убиство на ракометарот Тот, на обвинетите да им се суди за тепачка со смртни последици

Наместо за убиство да им се суди за тепачка со смртни последици бара одбраната на обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, пишува Радио Слободна Европа.

Тој почина во април годинава откако беше претепан до смрт пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје. На денешното рочиште, одбраната рече дека ќе докажуваат оти немало умисла за убиство.

Обвинителството, пак, вели дека имаат две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, односно кој од обвинетите што направил.

На денешното рочиште присуствуваше и таткото на ракометарот, Игор Тот кој во Скопје допатува од Хрватска. Сите тројца обвинети му изразија сочувство за загубата, велејки дека не сакале тоа да се случи.

Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар на изминатото, прво рочиште пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.