Ракомет
27 годишниот ракометар на Бутел добил срцев удар, докторите се борат за неговиот живот
Министерството за внатрешни работи се огласи за случајот со хрватскиот ракометар Денис Тот, кој ги брани боите на Бутел Скопје. Според соопштението на МВР, десниот бек на македонскиот суперлигаш не бил претепан, туку се работи за срцев удар.
„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека вчера (07.04.2022) во 04:11 часот од Клинички центар во СВР Скопје е пријавено дека кај нив во бесознание, без видливи траги на насилство е донесен Д.Т. и веднаш му е пружена лекарска помош. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот и за тоа соодветно ќе ја известиме јавноста“, се наведува во соопштението од МВР.
Тот бил експресно пренесен во Клиниката во Скопје и како што велат од таму нема видливи знаци на насилстсво, но е во критична состојба и без срцева реакција.
„Ракометарот е во критична состојба. Слободно, можам да кажам дека се бориме за неговиот живот. Но, тоа што е чудно е дека тој нема видливи знаци на насилство. На нашата клиника беше донесен без срцева акција. Правиме се што можеме во моментот за да му го спасиме животот“, вели доктор Мојсова во изјава за „Фокус“.
27-годишниот хрватски ракометар во Бутел Скопје се пресели по крајот на ланската сезона од редовите на Охрид.