Connect with us

Други спортови

34 земји против учеството на Русија и Белорусија на Олимпијадата во Париз

Домаќинот Франција е меѓу 34-те земји кои го повикаа Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) да го забрани учеството на спортистите од Русија и Белорусија на Олимписките игри во Париз во 2024 година, јави ДПА.

САД, Велика Британија и Австралија се исто така меѓу оние кои се изјаснија против учество на руски и белоруски спортисти.

Во вчерашната заедничка изјава, овие земји тврдат дека „намерната неиспровоцирана и неоправдана војна на Русија (против Украина) била олеснета од белоруската влада“.

Рускиот министер за спорт Олег Матицин изјави претходно овој месец дека е „апсолутно неприфатливо“ странските влади да се обидат да влијаат на МОК.

Самиот МОК минатиот месец потврди дека има намера да ги поддржи санкциите против руските и белоруските официјални претставници пред претстојните Олимписки игри во француската престолнина, но додаде дека ќе ја разгледа можноста спортистите од двете земји да се натпреваруваат под неутрално знаме.

Во денешното соопштение, 34-те земји кои се против учеството на Русија и Белорусија на Игрите го поздравија „придржувањето кон постоечките санкции“ од страна на МОК, но рекоа дека предлогот за учество под неутрално знаме покрена „многу прашања и загрижености“.