Connect with us

Фудбал

Инцидент во Куманово, суспендиран теренот на Башкими, оштетен автобусот на Струга Трим Љум

 Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за суспензија на теренот на стадионот „Башкими“ во Куманово по инцидентот на вчерашниот натпревар со Струга Трим Лум.

Воедно, против ФК Башкими 1947 Куманово и лицето Бурак Хида се покренува дисциплинска постапка, а предметот се доставува на понатамошно постапување пред Дисциплинската комисија на ФФМ.

– Фудбалската федерација на Македонија најостро ги осудува сите форми на насилство и недолично однесување и ќе продолжи доследно да ги применува прописите со цел заштита на интегритетот на натпреварувањето и безбедноста на сите учесници, стои во соопштението на ФФМ.

Инцидентот се случи по натпреварот од 28. коло на ПМФЛ. Имено, додека делегатот и судиската екипа сè уште се наоѓале на теренот, настанал инцидент во кој биле нападнати играчи и претставници на гостинската екипа од страна на лица поврзани со домашниот клуб и редарската служба. Во инцидентот се вклучило и лицето Бурак Хида, кое не било заведено во записникот, а кое физички го нападнало претставникот на гостинската екипа, Шаќири Мифтар, нанесувајќи удар во пределот на градите, по што следувале и вербални навреди и недолично однесување кон повеќе членови на гостинскиот тим.
Инцидентот траел околу 10 до 15 минути, по што со интервенција на полициските службеници, делегатот и судиската четворка биле безбедно спроведени во службените простории. Дополнително, делегатот побарал засилено полициско присуство со цел да се овозможи безбедно напуштање на стадионот од страна на гостинската екипа.

а инцидентот кој се случил по завршувањето на мечот, се огласи и Министерството за внатрешни работи.

Од таму велат дека било пријавено дека сопственикот на Башкими имал расправија со едно лице од гостинската екипа. Потоа исто така бил оштетен и автобусот на Струга ТЛ.

„На 19.04.2026 во СВР Куманово е пријавено дека во 16:50 часот на стадион „Башкими“ во Куманово, по завршување на фудбалскиот натпревар помеѓу фудбалските клубови „Башкими“ од Куманово и „Струга Трим Лум“ од Струга, настанала расправија помеѓу Б.Х.(39) од Куманово, сопственик на фудбалскиот клуб „Башкими“ и едно лице од гостинската екипа од Струга. Подоцна, на паркинг простор, неколку лица со употреба на тврди предмети, го оштетиле паркираниот автобус, сопственост на приватна фирма од Струга, кој ги превезувал играчите од Струга. Во врска со настанот, во 20:20 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Б.Х.(39). Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.“, стои во соопштението на МВР.