Фудбал
Поради “кралскиот клуб”, Ајакс ја изнајми “Зиго Домо” арената
Холандскиот гигант Ајакс ги распродаде сите билети за првиот 1/8 финален дуел во Лигата на шампиони, каде за противник ќе го има бранителот на тронот, тимот на Реал (М). Пресметката во Амстердам е закажана за 13 февруари, а на “Јохан Кројф Арената” ќе има 55.000 гледачи.

Поради невидениот интерес, околу 10.000 фанови на Ајакс останаа без билет, но клупската управа најде решение и за овој проблем. Челниците на Ајакс експресно ја изнајмија познатата мултифункционална арена “Зиго Доме”, каде колективно ќе биде следен натпреварот против “кралскиот клуб”.
Последните информации кои пристигнуваат од Амстердам говорат дека и “Зиго Домо” ќе биде распродадена и дека се очекуваат околу 17.000 фанови на Ајакс. Билетот чини 20 евра, а предвидено е да имаат настап неколку познати музички имиња, а водител ќе биде легендарниот фудбалер на Ајакс, Рафаел ван дер Варт.
Реванш дуелот кој ќе биде одигран на “Сантијаго Бернабеу” е закажан за 5. март, а според спортските обложувалници, шпанскиот гигант важи за апсолутен фаворит кога е во прашање пласманот во 1/4 финалната рунда од Лигата на шампиони.