Фудбал
Ангеловски пред мечот со Австрија: Имаме проблеми, ќе играат тие што се подготвени
Македонската фудбалска репрезентација синоќа го одработе последниот тренинг пред вечерашниот квалификациски меч против Австрија. Гостувањето ќе биде тешко, но мотивација за одмазда има ако се знае дека на домашен терен Македонија загуби со убедливи 4:1.
Селекторот Игор Ангеловски има проблеми со повредени играчи. Сепак, додава дека нема простор за жалење, оние кои ќе истрчаат на теренот, ќе мора да го дадат максимумот.
„Имаме кадровски проблеми, но рековме дека нема да се жалиме, така и ќе биде, ќе играат тие што се подготвени и јас верувам во нив. Можно е шанса да добијат и некои дебитанти, но ако им е прв меч не значи дека немаат квалитет. Сигурен сум дека утре сите фудбалери ќе го дадат максимумот и ќе одиграат најдобро што знаат. На овие мечеви сакаме да го потврдиме квалитетот и да се подготвиме за полуфиналето на Лигата на нации. Австрија беше доминантна во текот на квалификациите, тие се на прагот на пласман на Европско првенство, но ние си ја гледаме нашата работа”, изјави селекторот Игор Ангеловски.
Натпреварот Австрија-Македонија се игра во сабота во стадионот ”Ернст Хапел” во Виена со почеток од 20:45 часот.