Connect with us

Ракомет

Бајката наречена Кирил Лазаров 22 години подоцна, во Египет

Ковид 19 донесе и малку позитивни вести за македонската, пред се спортската јавност. Поради преголем број на заразени Чешка се откажа од учеството на ракометниот мундијал во Египет. Како прва „резерва“ Македонија ќе биде дел од Светското првенство. Веќе е познат и списокот на ракометари, сите се негативни, па мисијата може да почне.

Првиот меч Македонија го игра против Шведска и тоа утре вечер со почеток во 20:30 часот. Потоа следува пресметка со домаќинот Египет на 16-ти јануари, а групната фаза ја завршуваме со Чиле на 18-ти јануари.

Но, она што е интересно е тоа што ова Светско првенство може да биде последно за нашата легенда Кире Лазаров. Македонскиот најдобар ракометар во месец јули оваа година во едно интервју најави пензионирање. Како што изјави тогаш, има уште една година од договор со француски Нант, ќе го одработи и ќе се повлече. Кире тогаш воедно рече додека игра за Нант, ќе игра и за Македонија, а потоа се повлече, ќе остане во ракометот, но најверојатно како тренер.

Ако се суди според неговите најави, ова СП ќе биде последно во дресот на Македонија за него. Она што е интересно е дека бајката почна токму во Египет и тоа во далечната 1999-та година, поточно пред 22 години.

Кирил Лазаров, како 19 годишен ракометар, за првпат бил повикан во сениорскиот тим на Македонија за Светското првенство во 1999 година кое се одржало во Египет, каде Македонија го освоила 18-тото место. Останатото е историја.