Ракомет
Битола подготвена, европскиот вицепрвак го чека „пекол“
Утре во Битола, во рамките од Сеха лигата, гостува европскиот вицепрвак Веспрем, во кој настапува и македонскиот интернационалец Манасков. Според најавите унгарскиот тим ќе допатува со најсилниот состав, што е уште една мотивација за Еурофарм Работник.
Тенерот Стевче Алушовски изјави дека несреќните порази во европската Лига на шампиони се минато, а погледите се свртени кон СЕХА лигата. Во моментов неговиот тим е на второто место на табелата.
-Утре ќе го дадеме нашиот максимум за да успееме затоа што знаеме дека ракометот не се игра според имињата, нити според буџетот на екипите. Утре ќе биде празник на македонскиот ракомет и верувам дека ракометна Битола ќе ужива во натпреварот, истакна Алушовски.
-Првпат ќе играм против Веспрем и ќе ми биде задоволство. Ова е празник на ракометот во Битола. Уморни сме, имавме тежок натпревари, но ќе излеземе без притисок против ѕвездите на Веспрем. Во досегашниот дел од сезоната може да кажам дека ниту една екипа не нè надигра и мислам дека имаме квалитет да се носиме со сите екипи. Утре ќе се обидеме да одиграме што е можно подобар натпревар“, истакна босанскиот репрезентативец Стјепановиќ.
Натпреварот меѓу Еурофарм Работник и Веспрем се игра утре во 17:15 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.