Connect with us

Тајмаут

Чкембарите и Управата на РК Пелистер донираа дрва на тетка Љуба

Навивачката група Чкембари и Управата на Ракометниот клуб “Пелистер” Битола денеска реализираа хуманитарна акција со цел да и помогнат на Љуба Поповска полесно да се справи со сиромаштијата. Таа живее сиромашно, но среќна е што ја почитуваат и она што сака е да има само достоен живот. Дрвата за огрев и беа најнеопходни, така што овие ладни зимски денови ќе може полесно да ги помине.

За 62 годишната Љуба Поповска од Битола денешниот ден беше празник. Од денес шпоретот во нејзината трошна куќа ќе биде запален и ќе може полесно да ги поминува зимските денови. Денеска навивачката група Чкембари заедно со Управата на ракометниот клуб Пелистер и донираа на тетка Љуба дрва за огрев и храна. Акцијата ја реализираа по написот на веб порталот “Шеталиште” за жената што живее од социјална помош, а зимата ја дочека без дрва. Ова им е прва заедничка хуманитарна акција, и се надеваат дека во иднина ќе продолжат да делуваат заеднички како на спортските терени така и во вакви акции.

Тетка Љуба живее сама во мала куќарка во близина на црквата Архангел Михаил во Довлеџик. Иако куќата е стара, со пукнатини на ѕидовите и дограмата и ги нема основните услови за живот, сепак таа е благодарна што сепак некој се сети на неа .

Живее од скромна социјална помош од 1 400 денари и од она што и го даваат добрите луѓе. Живеела тежок живот и под стрес. Верува во Бога и во добри луѓе кои сакаат да им помогнат на оние кои на кои им е потребна помош. Потребна и е храна и облека така што сите оние кои што сакаат да и помогнат на тетка Љуба може да ја најдат во куќата која се наоѓа кај „Расадникот“ во Довлеџик.