Connect with us

Кошарка

Да се знае кој е главен во Гевгелија: Блокотехна вторпат лесно го растури Кожув!

Екипата на Блокотехна останува кошаркарски владетел во Гевгелија, откако вечерва вторпат сезонава лесно и убедливо го совлада градскиот ривал Кожув (77-57), овој пат во меч од регионалната Балканска лига (БИБЛ).
Неизвесноста траеше само во првата четвртина, во која постариот гевгелиски прволигаш успеваше да го следи ритамот на подобриот противник. Избраниците на тренерот Марјан Илиевски веќе во вториот дел од мечот почнаа резултатски да се одлепуваат, а со серијата 17-2 на крајот од првото и почетокот од второто полувреме дојдоа до огромни плус 17 (44-27). Ова беше крај на сите надежи на Кожув дека би можел да изненади, додека Блокотехна до крајот умешно си ја задржи предноста за сигурно два бода на крајот.

Победникот средбата ја одигра со шест кошаркари, но тоа не беше пречка лесно да дојде до победа. Данило Мијатовиќ одново беше прва виолина во оркестарот на Илиевски со 27 поени и осум скока, додека одлично одиграа и Горан Главчев со 15 поени (3/4 за тројка) и Повилас Гаидус со 14 поени. Роберт Луис со 15 поени беше најпрецизен кај Кожув.

За тимот од Негорци ова беше четврта победа во петтиот меч сезонава во БИБЛ, додека вториот тим од Гевгелија сега има пет порази во шест досега одиграни натпревари.

Во првиот меѓусебен меч во рамки на Првата лига, Блокотехна исто така како гостин дојде до триумф со 76-64.

SPORT1.MK