Кошарка
Дончиќ се судри со дете од публиката, па му го подари дресот
Составот на Далас Маверикс не беше доволно добар противник за да оствари победа против актуелниот шампион Голден Стејт Вориорс, но потегот на Лука Дончиќ сепак ги собра аплаузите од публиката.
Во вжештената атмосфера во третата четвртина од натпреварот, Дончиќ при еден влез под кошот заврши во публиката и сосем случајно удри едно од децата кои седеа во првиот ред.
Веднаш по случајниот судир Лука пријде до младиот фан и му се извини, за по натпреварот да му го подари дресот заедно со неговиот автограм. Фер-плејот е многу важен за играчите, кои преку него ја искажуваат нивната човечност, која пак е огромен фактор за гледаноста и симпатиите кон овој спорт.
Тимот на Далас Маверикс забележа пораз на гостувањето кај Голден Стејт Вориорс со резултат 120:116. Кевин Дурент го предводеше тимот на Вориорс со 29 поени, 12 скока и 8 асистенции, додека Стеф Кари уфрли 22, а од клупата помогна Јонас Јеребко со 23 поени.
На спротивната страна најдобар стрелец беше Весли Метјуз со 25 поени, а Лука Дончиќ мечот го заврши со 19 поени, 3 скока и 5 асистенции. Одличен натпревар одигра Деандре Џордан, со 17 поени и 23 скока, но неговите 6 промашени слободни фрлања на крајот се покажаа како пресудни за конечниот резултат.
Останати резултати:
Лос Анџелес Клиперс – Денвер Нагетс 132:111
Вашингтон Визардс – Феникс Санс 149:146 (по продолженија)
Филаделфија Севентисиксерс – Торонто Репторс 126:101
Мајами Хит – Милвоки Бакс 94:87
Хјустон Рокетс – Сан Антонио Спарс 108:101
Јута Џез – Оклахома Сити Тандер 106:107
Извор: Kajgana.com