Connect with us

Кошарка

Еден НБА кошаркар е прогласен за терорист од турските власти

Турскиот кошаркар Енес Кантер е на списокот на терористи по кои трага турското Министерство за внатрешни работи. Владата нуди награда од 490.000 евра за секој што ќе даде информации што ќе доведат до негово апсење.

Кантер во минатото често велеше дека е во судир со турскиот претседател Ердоган и неговиот режим во земјата. Тој сега се наоѓа на бараната листа на терористи, а пасошот му бил одземен во 2017 година. Тогаш претставници на турските власти се обиделе да го депортираат од Романија.

„Оваа ситуација е многу опасна. Пред да понудат пари за моето апсење, турските агенти ме бараа. Сега речиси сите ќе ме бараат поради наградата што беше ветена“, изјави 30-годишниот кошаркар.

Кантер смета дека Ердоган води нехумана политика заплашувајќи и малтретирајќи луѓе кои не размислуваат како него. Во слична позиција како Кантер е и поранешниот фудбалер Хакан Шукур. Последниот инцидент се случи неодамна кога турскиот коментатор Алпер Бакирчигли беше отпуштен поради тоа што го кажа името и презимето на Шукур во телевизиска емисија за време на Светското првенство во Катар.

„Не се работи само за мене, има толку многу невини новинари, академици, спортисти, активисти и просветни работници кои се на оваа листа. Сега нивните животи се во опасност поради турските власти. Се надевам дека светот ќе препознае што се случува и ќе му се спротивстави на Ердоган“, изјави кошаркарот.