Фудбал
Елиф Елмас за само неколку месеци повторно против Реал Мадрид во Лигата на шампионите!
Елиф Елмас вечерва на домашен терен со Лајпциг го пречекуваат Реал Мадрид во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Ова ќе биде по втор пат во иста сезона, за само неколку месеци Елмас да игра против Кралскиот тим. Претходно, како што е познато, во групната фаза тој со Наполи играше против Реал Мадрид.
-Не беше лесно да се преселиш во јануарскиот преоден рок. Заминав од Неапол по пет прекрасни години и првенство, но избрав силен тим, познат во Европа и кој секогаш игра во Лигата на шампионите. И пред се игра многу со млади играчи, вели Елмас за Марка и притоа додава:
„Играњето во Неапол не може да се објасни. Тоа е град со зовриена крв и кој е вљубен во својот тим. Само во Неапол тоа може да се разбере. Секогаш ќе остане во моето срце“ објасни македонскиот играч за врска кој се прости минатиот декември по повеќе од четири сезони во Неапол.
Серија А или Бундеслига:
-Направив радикална промена, Лајпциг е малку постуден од Неапол, мал, но сепак многу убав. А Германците се поточни од Наполитанците. Но, јас се навикнувам на тоа. Доаѓам од две искуства меѓу Истанбул и Неапол, овде е поинаку: можам да го доживеам градот, нешто што не сум го направил на друго место, изјави Елмас и додава:
„Тука секогаш играме пред 50 илјади луѓе. Во Неапол имаше друга атмосфера, но и овде е извонредна. Луѓето сакаат да се забавуваат на игрите“.