Ракомет
Еурофарм Пелистер ослабен за вечерашниот клучен дуел против украински Мотор
Тренерот на македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер, се соочи со проблеми во составот за вечерашниот натпревар од завршното коло во групната фаза во Лига Европа против Мотор Запорожје на кој нема да може да смета на услугите на Гоце Ојлески и Павле Атанасијевиќ.
Обајцата, како што соопшти попладнево битолскиот клуб, се повредени и нема да можат да им помогнат на соиграчите во клучниот натпревар за пласман во нокаут фазата во второто по ранг европско клупско натпреварување.
Ојлески сè уште не е рехабилитиран од повредата на раката што ја здоби на прволигашкиот дуел против Алкалоид пред десет дена, додека Павле Атанасијевиќ го повредил зглобот на вчерашниот тренинг.
Еурофарм Пелистер е на четвртото место на табелата во групата Д со шест бодови, еден повеќе од петопласираниот Мотор и во вечерашната пресметка со украинскиот противник ќе му биде потребна победа или нерешено за пласман во нокаут фазата во Лига Европа.