Ракомет
Хрватска ја разби Украина, но се уште „виси“, голема драма на дуелот Црна Гора-Словенија
Хрватска со сигурна победа над Украина дојде на чекор до второто коло на Европското првенство во ракомет.
На популарните Каубојци им беше потребна победа над Украина за безбедно поминување, а на крајот избраниците на Хорват забележаа убедлива победа.
Иако пред натпреварот отпаднаа Давид Мандиќ и Жељко Муса поради позитивни случаи на коронавирус, тоа не се почувствува многу во играта на Хрватска.
Украинците имаа резултатска предност во воведните минути од мечот, но како одминуваше натпреварот, Каубојците беа се подобри и подобри. На одмор заминаа со +5 (18:13).
Во продолжението Хрватска беше уште поубедлива. Во еден момент имаа и +10. Конечниот резултат гласеше 38:25.
Хрватска со оваа победа не обезбеди место напред. За да се случи тоа, Франција не смее да загуби од Србија со два или повеќе гола разлика.
Шипиќ и Мартиновиќ со по седум гола ја предводеа Хрватска, а во Украина се истакна Артеменко со пет гола.
Голема драма беше видена на „екс-ју“ дербито меѓу Црна Гора и Словенија. Црногорците на крајот се радуваа на доста ефикасен натпревар со резултат 33:32.
Во првото полувреме се играше најмногу гол за гол до самиот финиш, кога Словенците се одлепија и на одмор заминаа со три гола предност.
Се чинеше дека Словенија има се во свои раце, се до последните десет минути кога Црногорците одиграа маестрално и успеаја да го вратат резултатот и да одат на +2 (32:30).
Во последните минути имаше голема неизвесност. Херој на Црна Гора беше одличниот голман Симиќ, кој на 20 секунди до крајот го одбрани ударот на Макуц.
Со оваа победа Црна Гора влегува во втората фаза заедно со Данска која претходно го обезбеди првото место.