Connect with us

Фудбал

Исчекор на Пелистер, Ренова и Академија Пандев кон полуфиналето на Купот на Македонија

Екипите на Пелистер, Ренова и Академија Пандев со денешните победи направија голем исчекор кон пласман во полуфиналето.

Најефикасниот натпревар се одигра во Битола, каде во пелагониското дерби Пелистер ја совлада Победа убедливо со 5-2. Гостите од Прилеп поведоа во 28-та минута со голот на Александар Ристевски. Во продолжение следуваа два гола на домаќините, преку Гоце Тодоровски (34-та и 40 минута).

Но, до крајот на полувремето, Победа успеа да израмни од пенал кој го реализира Наумовски (44). Во вториот дел битолчани постигнаа уште три гола. Оливер Пеев во 63-та минута одново му донесе предност на Пелистер (3-2), а во финишот од мечот (82-ра и 88 минута) Бразилецот, Лукас постигна два гола за конечни Пелистер – Победа 5-2.

Во Тетово беа одиграни две средби. Ренова го скрши отпорот на Скопје во завршните десет минути, откако Петковски во 80-тата го постигна првиот, а Костов во 87 минута беше стрелец на вториот гол за „гипсарите“ за конечни 2-0 за Ренова.

Со истиот резултат (2-0) победа забележа и екипата на Академија Пандев која како гостин го совлада Тетекс. Стрелци на головите за струмичката екипа беа Мишов (35 минута) и Балдовалиев (83 минута).

Реванш натпреварите од четвртфиналето во Купот на Македонија се играат на 29 ноември.

Потсетување дека пласман во четвртфиналето обезбеди и тетовска Шкандија која ќе го чека исходот од дуелите меѓу Вардар и Шкупи кои се закажани за 29 ноември и 17 декември.