Connect with us

Кошарка

Испишана кошаркарска историја во Крива Паланка

Со натпреварите на женскиот прволигашки тим и машкиот сениорски состав во Втора Македонска кошаркарска лига, одиграни вчера , на стартот на новата натпреварувачка сезона, кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ од Крива Паланка ја испиша новата кошаркарска историја на градот.

За прв пат во историјата на екипните спортови во градот во еден ист спорт настапија две сениорски екипи, а женскиот тим на КК „Крива Паланка“ е прв сениорски женски состав кој настапил во Прва лига жени во македонската кошаркарска федерација.

ЖКК „Крива Паланка“ загуби од ЖКК „Пелистер“ Битола со 66: 69, додека во натпреварот од Втора лига мажи КК „Крива Паланка“ го совлада КК „Баскет-Кам“ од Македонска Каменица со 73:64.

-Во овие екипи настапија исклучиво деца од нашата кошаркарска школа, дел од нив, веќе етаблирани на пошироката кошаркарска сцена во Македонија. Во прволигашкиот женски тим се застапени најповеќе младите, талентирани и надежни девојчиња, дел од нив репрезентативки до 14 години, дел исклучителни кошаркарски со победничко срце. Горд сум на секој од моите играчи, девојки и момци, благодарен што зад оваа идеја застанаа извонредни луѓе кои вложија во реаливацијата на оваа, за нас, многу важна, кошаркарска ренесанса, изјави претседателот на клубот и тренер, Ведран Белешковски.

Упати благодарност до сите кривопаланчани и публиката која ја исполни до последно место салата и ги бодреше играчите.

-Атмосферата која донесе радост во градот беше импресивна. Благодарен сум на секој кој се одважи и дојде да ги поддржи момците и девојките, додаде Белешковски.

Тренерот, Мирослав Ивановски, кој десет години е дел од клубот, рече дека луѓето во градот покажале дека се жедни за нови, позитивни нешта , како спортот кој им донесе еуфорија и радост.

-Луѓето покажаа дека им требаат нови нешта, издувен вентил од секојдневието каде ќе се рекреираат, а воедно и ќе уживаат, бодрејќи ги кошаркарите. Денес луѓето покажаа дека го сакаат спортот, кошарката, а ние, покажавме дека сакаме, можеме и крајно време е да застанеме зад спортот, поради нашите деца, зашто тие се амбасадори на нашиот град и држава, порача Ивановски.

Реклама
Реклама

ФОТО

Повеќе од Кошарка

WP Facebook Auto Publish Powered By : XYZScripts.com