Connect with us

Фудбал

Ја препознавате ли хрватската фудбалска легенда која беше во посета на ФФМ (ФОТО)

Важноста на Академијата на ФФМ, досегашната соработка и поддршка од УЕФА, како и плановите за идниот развој на Академијата, беа теми на денешната средба на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини со легендарниот хрватски фудбалер, Аљоша Асановиќ, кој престојува во дводневна работна посета на Скопје во улога на УЕФА консултант во рамки на проектот на УЕФА и ФФМ за развој на млади елитни фудбалери.

„Во Академијата на ФФМ сме посветени на поттикнување на развојот на младите фудбалери на теренот, но и надвор од него. Преку тренинзи од програмата на УЕФА за млади категории и водени од едуцирани тренери, ние се фокусираме на развојот не само на фудбалските вештини на младите играчи, туку и на вредни животни лекции кои вклучуваат ментална сила и градење карактер“, истакна Сејдини.

Првиот човек на ФФМ на средбата со Асановиќ изрази задоволство од соработката со УЕФА во развојот на млади фудбалери.

„Горди сме на напредокот што го постигнавме во Академијата на ФФМ и остануваме посветени на тековниот развој и успех на младите фудбалери“, рече Сејдини.

Асановиќ, исто така, имаше работен состанок со членовите на стручните штабови на ФФМ Академијата и лицата од ФФМ задолжени за Академијата.

Состанокот е најава за неговата нова работна посета на ФФМ, веќе на почетокот на април, каде ќе се посвети поголемо внимание на стручната работа со фудбалерите од ФФМ Академијата на самиот терен.

Инаку, Аљоша Асановиќ е фудбалска легенда во Хрватска. Има играно за Хајдук, Мец, Монпелје, Ваљадолид, Дерби Каунти, Наполи, Панатинаикос, Торонто, Сиднеј. Беше дел од хрватската репрезентација на СП 1998 кога Хрватска освои бронзен медал. Асановиќ е стрелец на првиот гол на репрезентацијата на Хрватска на интернационалната сцена и тоа 1990-та година против САД во победата од 2:1.

Advertisement