Фудбал
Каде е Пол Погба? Од „капење во милиони“ до плата од 2.000 евра!
Тој играше за Манчестер Јунајтед, потоа Јувентус, па повторно Манчестер Јунајтед и повторно Јувентус. За сето тоа време беше француски репрезентативец, а на врвот на кариерата – најдобар играч за врска на планетата. И денеска – Пол Погба минува низ тешки моменти под суспензија поради пад на допинг тест.
Французинот „пливаше во милиони“, а сега е на минимум – заработува 2.000 евра месечно. Пол Погба во март ќе наполни 31 година, но се уште е на црната листа дури и во својот матичен клуб. Неговиот договор со Јувентус е суспендиран, па наместо милиони евра годишно, сега добива – минимум – 2.000 евра месечно, како што пропишува колективниот договор поддржан од Синдикатот на италијанските фудбалери.
Постојат сите можности Јувентус да го раскине договорот со Погба, бидејќи тој има право на тоа доколку казната е подолга од шест месеци. Уште повеќе, во тој случај клубот ќе има право на обештетување од фудбалерот кој се уште е „сопственик“ на дресот со број 10. Да потсетиме, Французинот последниот меч го одигра на 3 септември против Емполи.