SPORTM.mk
Кадетите и се реваншираа на Аргентина на СП во ракомет
Македонската кадетска ракометна репрезентација ја совлада Аргентина со 29-26 во последниот меч на Светското првенство, обезбедувајќи го 13-тото место на овој мундијал кој се одржува во Скопје.
Иако избраниците на Данило Брестовац загубија од „гаучосите“ во групната фаза, овој пат во важен момент и се реваншираа на аргентинската репрезентација, одигрувајќи фуриозно прво полувреме.
Македонскиот состав водеше 15-8 на паузата, па Аргентина иако стопи дел од предноста, немаше сили за целосен пресврт. Симоновски со 9 и Младеновиќ со 6 голови беа најефикасни во тимот на Брестовац, кој на крајот го освои 13. место на овој ракометен мундијал.