Connect with us

Тајмаут

Каменувана куќата на Мирко Алиловиќ, неговата сопруга најави дека тој нема веќе да брани за репрезентацијата

Ракометарите на Хрватска во последното коло од втората фаза на Европското првенство беа поразени од Франција со 30:27, што значи трето место во групата. Со тоа ги разочараа хрватските навивачи кои очекуваа медал на првенството кое што се игра во нивната земја, а најлошо од сите помина голманот Мирко Алиловиќ.

По поразот од Франција, разочарувањето во земјата беше огромно, а група хулигани, отиде предалеку. Тие како главен виновник за неуспехот го прогласиле голманот Алиловиќ и му ја каменуваа куќата.

Тоа на социјалните мрежи го соопшти неговата сопруга, Ива Алиловиќ.

– По поразот некој ни ги искршил прозорците на куќата, а оштетен е и кровот. Имаме доста материјална штета, напиша Ива.

Таа изреволтирана објави дека не сака нејзиниот сопруг да брани за хрватската репрезентација.

– Го проколнувам секое негово патување со репрезентацијата. Ова му беше последен пат, напиша таа.