Кошарка
Казна за Лирија од 47.500 денари и службен пораз
Комесарот за натпреварување на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Владо Цветковски, ги објави казните за големиот инцидент кој се случи на дуелот помеѓу Лирија 77 и Академија ФМП, каде еден гостински кошаркар беше нападнат, поради што натпреварот не се доигра.
Врз основа на делегатскиот извештај, комесарот Цветковски реши мечот да го регистрира со службена победа на гостите. Лирија 77 како домаќин и главен виновник за инцидентот нема да го добие ниту бодот што вообичаено им следи на поразените екипи, а згора на тоа клубот од Чаир ќе плати и 47.500 денари казна, како и следните два натпревари на домашен терен ќе ги игра пред празни трибини.
- Во текот на една сезона се играат повеќе од 2.000 натпревари за кои во изминатите четири години не сме имале ваков случај на посериозен инцидент за време на натпреварите. Жалиме што немил настан од ваков размер воопшто се случи, но воедно сме среќни што немаше посериозни повреди на лица кои беа присутни на натпреварот во каква била улога. Едно е сигурно, нема да толерираме никаков вид на насилство или неспортско навивање и ќе работиме за заштита на сите кошаркарски субјекти инволвирани во играта која сите ја сакаме за што подобро и покоректно претставување на играта. Во кошарката нема место за провокатори, инциденти и за насилство. Се надеваме дека ова ќе биде последен ваков случај во кошарката и дека повеќе нема да се повтори, потенцираше спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски.
Парични казни од 25.000 денари добија и кошаркарите Сејфула (Лирија) и Најдовски (Академија ФМП) поради меѓусебна физичка пресметка.
