Ракомет
Ќе го дозираме Домагој Дувњак исто како во Кил

Ракометната репрезентација на Хрватска е еден од противниците на Македонија во групата Б на Светското првенство, кое од 10 до 27 јануари ќе се одржи во Германија и Данска. Селекторот на „ватрените“ и поранешен селекторот на „црвено – жолтите“, како и поранешен тренер на македонскиот вицешампион Металург, Лино Червар на неполна недела до стартот на шампионатот отворено зборуваше за целите на тимот и дека најважен за нив ќе биде првиот натпревар против Исланд.
- Наша прва цел е да бидеме меѓу првите седум на ова првенство и да обезбедиме настап на Олимписките игри или барем квалификации за Токио 2020 година. Првиот натпревар го играме против Исланд и тоа ќе биде многу важно за нас. Треба да почнеме со победа за подоцна се да ни биде полесно, изјави Червар, кој на тренинзите особено внимава на првата ѕвезда во тимот Домагој Дувњак.
- Домагој е подготвен, но постојано го мачат нозете. Има проблем со коленото и јасно е како ќе го дозираме. Ќе го правиме она што го прави Кил со него, бидејќи ни треба за клучните моменти и во најдобра форма. Затоа тој нема да игра 60 минути, додаде Червар.
Според хрватскиот стручњак на ова првенство има многу силни тимови, но тој верува дека Хрватска како и секогаш повторно ќе биде меѓу најдобрите.
- Имам четири главни фаворити, домаќинот Данска и Германија, потоа Франција и Шпанија. Нормално дека тука има и други репрезентации кој можат да изненадат, но овие четири сигурно ќе бидат во најтесниот круг за освојување на шампионатот, заврши Червар.
Хрватска под водство на Червар играше и на СП 2007 во Германија. Тогаш „коцкестите# ги добија сите натпревари освен еден, четврт-финалниот против Франција.