Connect with us

Фудбал

Ќе може ли „повредениот“ Реал против секогаш мотивираната „чета“ на Симеоне?

Вечерва со почеток во 21 часот стадионот „Ванда Метрополитано“ ќе биде домаќин на ново градско дерби помеѓу Атлетико и Реал. Ова ќе биде 164 „битка“ за Мадрид, во која „Кралевите“ се далеку поуспешни. Имаат 87 победи во пресметките со својот градски ривал во Ла Лига, наспроти 39 порази и 38 нерешени средби. По „Ел Класико“ ова е натпреварот кој секако љубителите на фудбалот мора да го гледаат, а спаѓа во едно од најголемите ривалства во Европа.

Во моментов Реал е лидер на табелата, но има само еден бод повеќе од Атлетико.

Се поставува прашањето ќе може ли ќе може да добие уште едно дерби Реал Мадрид ако се знае дека во моментов многу играчи се наоѓаат на листата на повредени фудбалери. Брахим Диаз, Ферланд Менди, Марко Асенсио, Иско, Лука Модриќ, Марсело, тоа се фудбалери кои во изминатиот период имаат проблеми со повредите и не се знае дали ќе бидат во можност да настапат. Ако се додаде дека до пред извесно време повредени беа Куртоа, Еден Азард, Родриго, Родригес и Лука Јовиќ, тогаш оправдан е стравот на Зинедин Зидан во пресрет на овој меч.

Од друга страна, Атлетико Мадрид нема вакви проблеми, а Диего Симеоне е добро познат како голем мотиватор на играчите, кои на вакви натпревари даваат повеќе од максимум.

Нивниот последен дуел одигран на стадионот „Ванда Метрополитано“ заврши со резултат 1:3, имаше и црвен картон оној за Томас Партеј, но ваквите моменти се честа појава на „мадридското дерби“.

Според обложувалниците, фаворитската улога му припаѓа на Атлетико, можеби поради домашниот терен и големиот број на повреден играчи кај градскиот ривал. Сепак, на вакви мечеви тешко е да се прогнозира крајниот исход.

Дека страстите се загреваат неколку дена претходно, покажа и објавата на твитер налогот на Реал Мадрид од најдобрите моменти, односно голови против Атлетико.

Натпреварот се игра со почеток во 21:00 часот, а останува да се види дали Зидан ќе успее да состави тим, кој ќе може да го издржи товарот од градското дерби.

АТЛЕТИКО МАДРИД                                                   

  • НЕМА ДА НАСТАПАТ: Мората (ц.картон), Врсаљко (повреда).
  • ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК: Лемар (повреда), Гарсес (повреда).

РЕАЛ МАДРИД

  • НЕМА ДА НАСТАПАТ: Асенсио (повреда)
  • ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК: Диаз, Модриќ, Марсело, Менди, Иско (сите поради повреда)

ПОСЛЕДНИ ПЕТ МЕЧА ВО ЛА ЛИГА

  • АТЛЕТИКО М. – РЕАЛ М. 1:3
  • РЕАЛ М. – АТЛЕТИКО М. 0:0
  • РЕАЛ М. – АТЛЕТИКО М. 1:1
  • АТЛЕТИКО М. – РЕАЛ М. 0:0
  • РЕАЛ М. – АТЛЕТИКО М. 1:1