Ракомет
Киелце е екипа која особено сакаме да ја победиме
Македонскиот ракометен шампион Вардар, во сабота од 17.30 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе го одигра последниот натпревар за оваа календарска година во Лигата на шампионите, против полскиот Киелце. Ова ќе биде меч за втората позиција на табелата во А – групата, Киелце моментно е второпласиран со 12 бода, додека „црвено – црните“ се на третото место со бод помалку. Лидер во оваа група е Барселона со 16 бода, и речиси сигурен пласман во четвртфиналето од елитното натпреварување.
![]()
Полскиот шампион му го нанесе првиот пораз сезонава на Вардар, откако во петтото коло од Лигата на шампионите славеше на домашен терен со 31:27. Затоа, нема да недостасуваат мотиви за вардарци да остварат победа, со која би се искачиле на втората позиција.
-Ова е меч за второто место во групата, тежок натпревар со тежок противник и одлични играчи. Сепак, ние играме дома и се спремаме најдобро што можеме покрај сите проблеми што ги имаме. За нас, за целокупната јавност ќе биде одлично ако победиме. Многу сакаме да победиме, Киелце е екипа која особено сакаме да ја победиме и ќе биде одлично ако се случи тоа, изјави капитенот на тимот Стојанче Стоилов.
На првиот дуел против Киелце, левиот бек Вуко Борозан доби црвен картон, исклучен беше и Алекс Душебаев, а црногорскиот репрезентативец нема да биде во составот ниту на овој натпревар поради поверад, исто како и пикерот Рожерио Фереира Мораеш. Но, според Стоилов ги очекува тежок натпревар со многу провокации од спротивната страна.
-Очекувам провокации. Тие така играат, провоцираат, особено нивниот тренер, но се надевам дека нема да подлегнеме. Наше е да излеземе на теренот и да победиме, заврши Стоилов.