Ракомет
Кире Лазаров и Мукаетов промовираа нов клуб, РК Алкалоид: Овој проект е за доброто на Македонија
Откако одлучи да се раздели со Голден Арт и да го повлече својот бренд КЛ7, најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров одлучи да биде дел од новиот ракометен клуб РК Алкалоид. Заедно со Живко Мукаетов, прв човек на оваа македонска фармацевстка компанија го промовираа новиот ракометен клуб.
Како што велат тие, со ова застануваат зад младите кои сакаат да играат ракомет.
На прес-конференцијата на промоцијата на новиот клуб, Лазаров истакна дека во моментов во Македонија се заостанува со работата со младите и овој колектив ќе се труди да создаде една квалитетна „база.
„Овој проект е за доброто на Македонија. Чест и задоволство ми е да бидам дел од овој проект каде што главната улога ќе ја носи една реномирана компанија, светски призната, од светски размери – „Алкалоид“. Ќе работиме заедно. Ќе мора да оформиме добра квалитетна база, затоа што е многу важно да се работи со младите. Доста заостануваме со тоа. Ќе се обидеме да изградиме нови македонски спортисти кои заслужено ќе го носат македонскиот национален дрес, вели Лазаров.
-Стратегијата ќе биде регрутирање, градење и насочување на млади македонски ракометни таленти кон вистинските спортски и животни вредности, – изјави Живко Мукаетов, прв човек на „Алкалоид“ и претседател на Ракометната федерација на Македонија.
РК Алкалоид натпреварите ќе ги игра во СЦ „Борис Трајковски“, а наскоро ќе биде познат изгледот на стручниот штаб и на екипата.