Ракомет
Кире Лазаров: Веруваме во убави работи, но цврсто стоиме на земја
Се наближува ЕП, на кое учество ќе има и македонската ракометна репрезентација. Словачка и Унгарија се домаќини, а ќе се одржи од 13-ти до 30-ти јануари. Македонија е во група со Словенија, Данска и Црна Гора.
Селекторот Кирил Лазаров оптимист.
-Најпозитивна работа е што оваа национална селекција почнувајќи од 2012 година има континуитет и тоа ни е прва и основна цел до сега, а ќе биде и понатаму. Мислам дека нашата машка селекција е со најголеми големи натпреварувања, во споредба со другите селекции и тоа е големината на оваа репрезентација. Процесот на подмладување е почнат, неминовно е една генерација да замине и треба да создаваме нова. Но, секогаш се добредојдени искусни играчи од типот на Миркуловски, Стоилов, Митревски, Никола Марковски… да не ги набројувам сите. Добро е да направиме млада, но и во некои делови да имаме искусна репрезентација, затоа што во било кој е потребно такво искуство и потребни се километри. Нема да се откажеме од ниеден играч и затоа треба да бидеме благодарни, посебно на Филип Миркуловски, кој прифати да биде на располагање на Македонија и тоа треба да го почитуваме. Тој ни бил потребен, сега ни е потребен и ќе ни биде потребен, изјави Лазаров.
Според него очекувањата се оптимистички, иако вели дека Македонија е во тешка група.
-Веруваме во убави работи, но од друга страна стоиме цврсто на земја и знаеме што не очекува. Доаѓа тешка група во која е Словенија, не треба да трошам зборови за неа и за индивидуалните способности. Данска, која е олимписки, светски, европски првак. После онаа победа наша во Скопје, сигурно деа ќе не сфатат посериозно. Многу тешко ќе биде да се повтори таков успех. Црна Гора е селекција за почит, со еден селектор Рогановиќ, поранешен десен бек, тренер на кој му веруваат. Играат со срце и желба за државата. Треба да бидеме претпазливи. Ништо не треба да не изненади, наше е да работиме квалитетно. Секогаш велиме немаме доволно време, сега имаме доволно време. Ќе направиме квалитетни подготовки, прво во Маврово, потоа во Скопје. Инсистирав на четири тест-натпревари. Сакаме да победиме и да ги видиме сите играчи со кои располагаме. Секој тренинг и натпревар ни се важни. Помладите тука „купуваат“ минути и ни покажуваат квалитет, а ние ќе одлучиме дали ќе им дадеме повеќе минутажа на големата сцена. Работиме на физичката спремност, мора да бидеме на високо ниво со големи репрезентации и да играме од почетокот до крај, изјави Лазаров.